Ова не е свадба, туку вообичаен ден е во село Врапче, општина Студеничани.
На ваков начин веројатно се обидуваат да ги заборават своите грижи. Неколку метри од собирот и музиката, ќе ве пречека ваква слика.
Отпад од пластика насекаде, што дава впечаток дека селото е изградено врз депонија.
Ништо подобро не е ниту на самиот влез од селото.
Жителите велат дека надлежните го расчистиле ѓубрето пред неколку дена, но местото сè уште е преполно со ѓубре.
„Нема ниту 10-15 дена откако го чистеа, добро го исчистија, но ѓубрето повторно го фрлаат таму. Имаме деца, мора да има хигиена и чистота“, истакна жител на село Врапче.
Во овој дел од селото има десетици импровизирани куќи, а жителите се жалат дека немаат ниту патишта. Не негираат дека и сами го фрлаат ѓубрето во блискиот поток, бидејќи нема кој да го собере.
„Сакаме да се асфалтира. Претходно до таму асфалтираа, а кај нас не. И ние сакаме да биде поубаво, и ние имаме деца“, посочи жител на село Врапче.
Истата слика и неколку метри подалеку, односно во селото Лубош. Дупка направена при ископ на песок, се користи како депонија.
Контактиравме со градоначалникот на Студеничани, Азем Садику, кој преку телефон ни рече дека депониите се чистат неколку пати, а ги обвинува несовесните граѓани дека фрлаат смет.
„Општина Студеничани неколку пати ја чистеше депонијата, но несовесните граѓани продолжуваат да фрлаат смет. Ние како Општина веднаш ќе контактираме со општинските хигиенски работници за повторно да го исчистиме тоа место“, посочи Азем Садику.
Од невладината организација „Go Green“ велат дека проблемот е голем и комплексен, бидејќи нема регионални депонии.
„Од една страна, лесно е да се обвинат институциите што не се занимаваат со диви депонии или да им се кажува на луѓето зошто фрлате тука, а всушност проблемот е во непостоењето на тие депонии и ѓубрето навистина нема каде да го фрлаат. Апелот е да се забрзаат што е можно повеќе процесите и процедурите за изградба на регионални депонии, за да можат институциите да започнат правилно да собираат отпад и да ги казнуваат граѓаните“, вели Мила Јовановска.
Проблемот со дивите депонии е феномен што ја загрижува целата земја, бидејќи недостасува соодветна депонија каде што би се складирал отпадот. Дрисла е само една, но недоволна за да издржи големи капацитети. Во изградба е депонија во Свети Николе која ќе го опфаќа североисточниот регион. Тоа значи дека општините полесно ќе управуваат со дивите депонии и нивно чистење. Невладините организации инсистираат на тоа дека во секој регион треба да има депонија.
Сторијата е оригинално објавена на ТВ 21. Достапна на албански јазик овде.
“Fshati mbi deponi”, banorët kërkojnë pastrim, Komuna fajëson qytetarët pa ndërgjegje
4 јули 2021