Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање

Алијансата „Разбистри сè“ ќе биде влучена во креирањето на политиките за вода на Министерството за животна средина

Политиките за управување со водните ресурси кои Министерството за животна средина треба да ги изработи оваа година ќе бидат креирани во соработка и вклученост на граѓанските организации и високообразовните институции од Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“. Ова беше договорено на средбата меѓу претставниците на Институтот за комуникациски студии, кој ја предводи кампањата „Разбистри сè“, и министерот за животна средина Насер Нуредини.

На средбата се разговараше за учеството на граѓанскиот сектор и академската заедница во процесот на подготовката на измените кои треба да се направат во Законот за води оваа година. Во оваа насока, се потенцираше потребата измените во Законот за минерални суровини кои се однесуваат на ископот на песок, чакал и камен од речните и езерските крајбрежја, а кои се во тек во Министерството за економија, да бидат усогласени и да кореспондираат со измените во Законот за води кои ќе се направат подоцна оваа година.

Од Министерството изразија подготвеност да ја вклучат стручната јавност и во процесот на ревидирање на Националната стратегија за води преку организирање јавни расправи и консултации. Се разговараше и за потребата од носење на неопходните подзаконски акти кои ќе овозможат подобро спроведување на Законот за води и воспоставување на јавна водна книга во која ќе се евидентираат потенцијалните загадувачи кои испуштаат отпадни води во водотеците.

Средбата беше реализирана во рамките на кампањата „Разбистри сè“ која има за цел да го зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики, како и да овозможи поголем дијалог од надлежните институции во процесот на креирањето на политиките за одржливо користење, заштита и поефикасен инспекциски надзор врз водните ресурси.

Сподели