Јавна расправа за предлог-Законот за минерални суровини
Колку се транспарентни постапките за давање концесии за жителите на локалните заедници? Дали се дозволува експлоатација на песок и чакал од реките и езерата исклучиво за бизнис цели? Како се третираат хидројаловиштата кои се најопасни места во рударските комплекси? Ова се некои од прашањата кои повторно не се целосно регулирани во новиот предлог на Законот за минерални суровини.
Ве покануваме на јавната расправа „Дали новиот предлог на Законот за минерални суровини максимално ја штити животната средина?“, што ќе се одржи во вторник (14 септември) во 10:30 часот во Хотел „Мериот“ (Ballroom 2).
Дневниот ред за настанот е во прилог. Со оглед на безбедносните протоколи за организирање настани во услови на КОВИД-19, Ве молиме потврдете го Вашето присуство на e-адресата .
Јавната расправа се организира во рамки на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“, а на неа ќе зборуваат еко активистите Лилјана Поповска од Зелен институт, Татјана Чакулев од О2 иницијатива, Ѓорѓи Танушев од Здрава котлина и Костадин Ристоманов од Еко долина.
Предлог-законот за минерални суровини е ставен на дневниот ред на седницата на Собранието закажана исто така во вторник, со европско знаменце, што значи негово усвојување во скратена собраниска постапка. Со оглед на тоа дека предлагачот на законот, Министерството за економија не реализираше јавна расправа, истата ја организира граѓанската Алијанса за застапување и лобирање „Разбистри сè“ за сите заинтересирани граѓани. Забелешките од јавната расправа ќе бидат испратени до пратениците, за да ги поднесат како амандмани на предложениот законски текст во собраниската постапка.
Кампањата „Разбистри сè“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
*Јавната расправа се организира во согласност со безбедносните протоколи во услови на КОВИД-19, кои предвидуваат поседување и приложување на потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза на вакцина, или за прележан КОВИД-19 (45 дена од оздравувањето), задолжително носење на заштитини маски, мерење на температура на учесниците при влез во просторијата, дезинфекција на раце и одржување на физичко растојание.
ДНЕВЕН РЕД
Вторник (14 септември), 10:00-12:00 часот
10:00-10:30 | Регистрација и послужување на кафе |
10:30-10:35 | Вовед во јавната расправа Дејан Андонов, Институт за комуникациски студии |
10:35-10:45 | Транспарентноста на процесите на добивање концесии за жителите на локалните заедници Татјана Чакулев, О2 иницијатива |
10:45-10:55 | Ограничување на експлоатација на песок и чакал во близина на водотеци Лилјана Поповска, Зелен институт |
10:55-11:05 | Третманот на хидројаловиштата како најопасни места во рударските комплекси Ѓорѓи Танушев, Здрава котлина |
11:05-11:15 | Контролата на рудниците и рекултивација на стари рудници Костадин Ристоманов, Еко долина |
11:15-12:00 | Дискусија |