Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси
говорници на конференција

Новиот Закон за минерални суровини максимално да ја штити животната средина

Постапките за давање концесии за експлоатација на минерални суровини не се доволно транспарентни за жителите на локалните заедници, ископувањето на песок и чакал од реките и езерата се дозволува исклучиво за бизнис цели, а третманот на хидројаловиштата како потенцијално најопасни места во рударските комплекси не е доволно регулиран.

Ова се дел од забелешките за новиот Предлог-закон за минерални суровини на Министерството за економија, кои Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ ги претстави на денешната јавна расправа.

Дејан Андонов, зборува на конференција

Предлог-законот не ја ограничува експлоатацијата на песок и чакал во близина на водотеците само врз основа на еколошки параметри, односно кога е потребно уредување на речните корита или крајбрежјата, со што ова останува и понатаму бизнис дејност, спротивно на Законот за водите и директивите на Европската Унија. Иако во законскиот текст предложена е нова дефиниција за рудник, која ги опфаќа и хидројаловиштата, нивниот третман не е доволно разработен. Контролата на рудниците од Државниот инспекторат за животна средина останува недоволно дефинирана, со нејасна дистинкција од Државниот инспекторат за техничка инспекција, а избришана е обврската за државата да изработува годишна програма за рекултивација на старите рудници.

Во предлог-законот е внесена обврска за Министерството за економија да ги објавува сите документи поврзани со издавање концесии и да ги разгледува забелешките од заинтересираната јавност, а Владата да не издава концесија при добиени негативни мислења од други органи, институции и локалната самоуправа. Сепак, транспарентноста на процесите за добивање концесии не е на потребното ниво, посебно за жителите на локалните заедници, за тие да бидат навремено информирани и да дадат свои мислења.

Лилјана Поповска, зборува на конференцијаПредлог-законот за минерални суровини, кој беше повлечен на почетокот на годината заради јавниот притисок од Алијансата „Разбистри сè“, овој пат, после консултациите со граѓанските организации, е подобрен. Прецизирани се постапките за добивање и раскинување на концесии во случаи на загрозување на здравјето, безбедноста и животната средина, а зголемени се и обврските на концесионерите во однос на државата. Се воведуваат заштитни механизми за спречување на перење на пари од концесионерите при пренос на удели, зајакната е ревизијата на висината на финансиската гаранција на секои пет години, намалени се површините и времетраењето на концесиите за песок и чакал, а останува и обврската за концесионерите да го рекултивираат девастираното земјиште со рударски активности.

Фотографија од сала со присутни на конференција, околу 30 гостиПредлог-законот за минерални суровини е ставен на дневниот ред на седницата на Собранието и од Алијансата „Разбистри сè“ сметаат дека деловите што недостигаат треба да се доработат амандмански. Затоа, Алијансата ќе ги достави нејзините забелешки до пратениците како амандмани на законскиот текст, за да се обезбеди максимална заштита на животната средина.

Јавната расправа се реализираше во рамките на кампањата „Разбистри сè“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Сподели