Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Поголема транспарентност, но и уназадување при доделување концесии за добра од општ интерес

Транспарентно известување, но и уназадување на постапките за доделување концесии за добра од општ интерес. Ова го предвидува Законот за концесии на добра од општ интерес што го предлага Министерството за економија по јавната консултација во која се вклучија Институтот за комуникациски студии и граѓанските организации Зелен институт, Здрава котлина и Фронт 21/42 во рамки на кампањата „Разбистри сè“.

Со прифаќање на забелешките на граѓанскиот сектор, се наметнува транспарентно известување за постапката уште на почетокот, како и при доделувањето на некоја концесија, но и јавно изложување на целосната документација во регистарот на концесии кој се воведува со предлог-законот. Одлуката за започнување постапка за доделување концесија на добра од општ интерес, Владата или општината треба да ги објават во Службен весник, иако одбиен е предлогот јавноста да биде информирана и за подготвителните работи за концесијата на државно и локално ниво. Регистарот на концесии на добра од општ интерес, кој треба да го води Министерството за финансии и да биде јавно достапен, треба да ја содржи целокупната документација за секоја доделена концесија. Информациите за доделување концесија на добра од општ интерес ќе бидат јавно достапни и на интернет страницата на органот кој ќе ја спроведува постапката, во согласност со Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер. Со ова се прави напредок во однос на Предлог-законот за минерални суровини, каде што нема целосна транспарентност на постапките и податоците за концесиите, а за што се залагаше Алијансата „Разбистри сè“.

По консултациите со граѓанскиот сектор, Министерството за економија наметнува обврска во студијата за оправданост на концесијата за добра од општ интерес да има задолжителна проценка за влијанието врз животната средина, која е директно засегната со доделувањето на концесиите. При надзорот како се извршува договорот за концесија ќе треба да се контролира и заштитата и одржливото користење на животната средина, иако за тоа државните инспектори за животна средина не се задолжуваат директно.

Со предлог-законот, попрецизно се утврдува судирот на интереси за членовите на комисијата за спроведување на постапката за доделување концесија и дополнето е дека постапката мора да се води според меѓународни стандарди.

Сепак, овој предлог-закон делумно ги уназадува постапките за добивање концесии за добра од општ интерес. Ја отфрла обврската за концесионерите за депонирана финансиска гаранција во случај на штетни ефекти врз животната средина, предвидена во Предлог-законот за минерални суровини, со што се изигруваат досегашните напори на еко-активистите. Останува можноста за тргување со концесиите за добра од општ интерес, како еден од поголемите проблеми. Концесионерот што нема капацитет да работи добро, наместо да ја изгуби концесијата и државата да бара друг сериозен концесионер, со предлог-законот му се овозможува да тргува со концесијата и да ѝ наметне на државата доверител што ќе ја добие концесијата надвор од законските критериуми. Со предлог-законот концесионерите се поштедени и од студија за проценка на влијанието врз животната средина при вршење геолошки истражувања, кои исто така можат сериозно да наштетат на животната средина.

Министерството за економија ги одби и предлозите на граѓанскиот сектор висината на концесискиот надоместок да зависи и од влијанието што концесијата ќе го има врз животната средина и изборот на најповолна понуда за концесија да не се прави според највисоката цена, бидејќи при доделување концесии за добра од општ интерес првенствено треба да се даде значење на еколошките аспекти.

Сподели