Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Претседателот Пендаровски и министерот за животна средина Нуредини ја поддржаа кампањата „Разбистри сè“

Претседателот Стево Пендаровски со приклучување кон герила акцијата „Дали би ја пиеле оваа вода?”, ја објави поддршката на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“. „Бистро, чисто и јасно за незагадена природа, чиста вода за пиење и за јасна поделба на надлежностите и преземање на одговорност да ги заштитиме нашите води. Заедно да работиме за да придонесеме кон одржливо користење и заштита на водата и за ефикасен надзор врз искористувањето на природните ресурси“, напиша Пендаровски на неговите социјални медиуми, објавувајќи фотографија со шишето заматена вода.

И министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини ја поддржа кампањата „Разбистри сè“. „Чиста вода за пиење за сите е целта кон која се стремиме. Наша цел е заштита на сите водни ресурси, бидејќи водата е живот. Покрај другото, во изминатава година  работевме на заштита на 12 водни тела преку утврдување на заштитни зони околу нив. Предлозите во моментов се финализираат со Министерството за здравство како овластан предлагач. Блиску сме до целта и останува уште сите заедно, зависно од своите ингеренции, да се заложиме за нивно усвојување и реализација. За бистра и чиста вода!“, објави министерот Нуредини на социјалните мрежи како одговор на герила акцијата „Дали би ја пиеле оваа вода?”.

Кон герила акцијата на социјалните мрежи се приклучуваат голем број граѓански активисти, новинари, професори, невладини организации и медиуми, кои ја поддржуваат кампањата „Разбистри сè“. Тие објавуваат апели за порационално користење на водата, спречување на загадувањето на реките, сузбивање на коруптивните практики при управувањето со природните ресурси, како и за поголема ефикасност на инспекциските органи.

Водата во Македонија не ја добива потребната заштита и не се користи рационално, а сите граѓани немаат пристап до здравствено исправна вода за пиење и санитарни услови. Одговорните институции немаат капацитет и опрема за спроведување на Законот за води и не се одвојуваат доволно пари од државниот буџет. Континуираното експлоатирање и уништување на водните ресурси се должи и на нискиот степен на казнивост на загадувачите. Потребно е да се донесат 52 подзаконски акти коишто треба да обезбедат имплементација на Законот за води, редовно да се ажурира и да биде јавно достапен катастарот на корисници и загадувачи на вода, да се санкционира и спречи нелегалното и прекумерното вадење песок, чакал и камен од речните корита и езерските крајбрежја, да се подобри мониторингот на квалитетот на водите, како и да се зголеми бројот на водостопански инспектори при Инспекторатот за животна средина.

Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ која ќе трае во текот на 2021 година, ќе се фокусира токму на овие проблеми и нејзината цел е да го зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики. Кампањата се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Сподели