Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Неохрабрувачки резултати за заштита на водите

Од целата територија на Македонија, 2 проценти се вода. На крајот на патувањето наречено „Разбистри сè“, за сè она што сработивме. А, сработивме многу. Резултатите не се охрабрувачки и само го потврдуваат проблемот што го имаме со квалитетот на водите и со заштитата на животната средина.

Загадени реки со тешки хемикалии, уништени речни корита, испразнети езера, недоволен број инспектори и неквалитетни надзори, вода којашто се губи во системот – многу проблеми регистрираше нашата камера.

Реки заболени од хемикалии, отпад и тешки метали

За тешките метали што ја разболуваат Црна Река, за Сатеска која 60 години е болка на Охридско Езеро, за Брегалница што стенка од хемикалии и отпад. Тешко оди контролата врз загадувачите.

Мирниот и топол сончев ден го распарува звукот од камион. Скришум и далеку од очите на јавноста го прави незамисливото. Се паркира до брегот на реката и во неа испушта фекалии. Но, овој пат загадувачот немаше среќа. Екипата на „Разбистри сè“ заедно со државната инспекторка за животна средина го фатија на дело.

„Ова е забрането што го видовте вие и што го снимавте. Тоа не треба. Казна би можела да биде од 100 илјади евра нагоре. Големи пари, затоа што луѓето мислат дека сега слободно гомнарката ќе ја наполни со гомна и ќе дојде во Брегалница и ќе ја испразни. Тоа е грешка“, вели Сенка Андреева, државна инспекторка за животна средина

Загаденоста на реката е сè повидлива и затоа повеќе не смее да се молчи.

„Прво, максимално во Штип има текстилни фабрики. Ниту една текстилна фабрика нема филтер, нема пречистителна станица за отпадните води. Сите води доаѓаат во река Брегалница и ние сме сведоци некој пат на плава боја, на модра боја, на црвена боја, на бела боја. По течението на Брегалница, од Таринци, тука едно штипско село до Берово има свињарски и краварски фарми. Не е важно што капацитетот не е многу голем, меѓутоа и тие ги перат, отпадните води од фармите ги перат со разни киселини и тоа доаѓа во Брегалница. Од пробиштипскиот рудник и од Македонска Каменица од рудникот, кога јаловиштето ќе се откачи сето оди во Брегалница, а чистата вода оди надоле, меѓутоа оловото останува на дното и од тоа олово ние можеме да бидеме несреќни што цел живот ќе биде реката загадена“, раскажува рибарот Мичо, кој лови на Брегалница.

И во Кавадаречко, покрај Црна Река, отпадните индустриски води не се во рамките на предвиденото, веќе петнаесет години алармира биологот и екологистот Роберто Паризов.

„Ги гледаме малите алги коишто се присутни на дното и коишто лебдат во водата, како тие немаат конкретно зелена боја туку имаат црвеникаво- кафеава нијанса и тоа е доказ дека тие имаат акумулирано некоја друга боја од некои тешки метали. Ние можеме да зборуваме и да дебатириме за присуство на одреден проблем, којшто не укажува конкретно на сторителот и на било какво загадување, конкретно укажува дека треба да се испита од каде потекнува сето тоа и зошто е тоа така“, смета Паризов.

„Штом навлезе после и во Битолско Поле, веќе статусот се влошува. Најлошо е кај Прилепска Река, каде што доаѓаат сите оние индустриски отпадни води, комунални отпадни води од домаќинствата, фекална канализација, тука е најлоша. Имаме мерно место пред вливот на Прилепска Река во река Блато, која што се влева во река Црна. Тука реката личи на отпаден канал. Има мирис на фекалии, многу е лоша… значи многу е лоша реката. Еколошкиот статус е слаб. РЕК Битола е тука што загадува. Најдени се тука и поголеми концентрации на кадмиум во Скочивир од таа причина. И рудникот Суводол. Тие се најголемите загадувачи“, објаснува Весна Кочовска од УХМР.

А во близина на охридското село Волино, со риболовецот Димче Мајковски бевме да се увериме во друг срам на државата. Погодете каде завршува песокот кој се вади додека се гради автопатот Кичево – Охрид? Ни помалку – ни повеќе, во или околу реката Сатеска.

„Оној песок што го гледате горе е донесен одозгора каде што го работат патот и каде што работат околу патот. И оној нанос порано не беше. Онде имаше вирови. Ме разбирате. Ова е сè вештачки направено. И сега каде што вештачки се менува коритото, реката, сè, се уништува животинскиот свет во тој дел. Сега тука дното е покриено со мил. Како овој дел што е овде. Гледате покриен со мил. И тука не се задржува повеќе рибата затоа што нема извор на храна“, раскажува Мајковски.

И езерата се дават во отпадни води и вреќи смет

Но, освен реките, ништо подобра не е состојбата ниту со езерата и акумулациите. Отпадни води директно завршуваат во Дојранско и Мавровско Езеро, Глобочица и Шпиље се дават во смет. Таму вреќите со отпад можете буквално да ги ловите на јадица.

Чамци, рибари, трски за риболов – зимска разгледница од Дојран. Доаѓањето на водата во езерото разбуди нови надежи. Дојранските мандри заживеаја, а рибарите и кормораните повторно ја започнаа секојдневната езерска игра. Спортските риболовци велат риби има доволно, но потребна е поголема заштита на езерото.

„Езерото беше во умирање, бериќет на бушотините и заживеа и езерото. Што повеќе пречистителни станици подобро е и за нас и за езерото и за рибниот фонд и самата флора и фауна што е во езерото“, велат езерските рибари.

Пречистителната станица во Дојран е пуштена во употреба во 1989 година. До овој момент ги опслужува трите населени места покрај дојранската ривиера – Стар Дојран, Нов Дојран и Сретеново. Досега двапати е рекоструирана, но и натаму се потребни средства за нејзино осовременување. Засега во функција е само едниот блок, а пречистените води што се испуштаат во езерото се од втора и трета категорија.

И во Радика и во Мавровско Езеро се испуштаат непречистени отпадни води, директно во реката и во акумулацијата. За Радика проблем се индустриските капацитети, за езерото околните хотели и другите угостителско-сместувачки капацитети, коишто го развиваат туризмот, но во исто време ја загадуваат животната средина. Речиси никој нема пречистителна станица.

„Во Долнореканскиот регион имаме делови каде што има мала индустријализација и веќе имаме објекти коишто имаат индустриско производство. Општината им дала одобренија за градба, изготвени се студии, меѓутоа ние во тој дел заради институционална некомуникација веројатно затајуваме во тој дел и не можеме да му се посветиме максимално на оној којшто е инвеститор или во моментов производител, да му дадеме до знаење дека потребно е да спроведе мерки заради заштита и неиспуштање на такви загадувачки материи од производствениот тек“, вели Томе Ѓорѓевски од Националниот парк „Маврово“.

„Ме чуди фактот што досега не е побарано од хотелите, согласно активностите и дејностите за коишто е потребно да се издава, да се изработи и да се одобри елаборат, зошто не е направено. Еве оваа година тоа е покрената иницијатива од Државниот инспекторат за животна средина и се во фаза на изработка и очекуваме дека целата работа ќе заврши како што треба и ние ќе бидеме задоволни, нема да се загадува животната средина, така што и хотелите ќе имаат бенефит со тоа што ќе покажат дека се залагаат, покрај бизнисот што го прават и за заштита на животната средина“, кажа Сретен Стојковски, в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина.

И Дебарско Езеро и Глобочица, двете вештачки езера на Црн Дрим, освен што важат за најбогати со вода, служат и како басен за сиот отпад кој се испушта без да биде преработен.

„Од оваа вода од каде што излегува би купиле вие риба? Јас не сум ни пробал риба. Оттука не пробувам, пробувам од Струга, купувам од Струга. Гнасна е водата. Страв ми е“, изјавува Танче Гаврилоски, концесионер.

„Меѓутоа тоа е и дел на свеста на жителите во селата околу Глобочица и Шпиље. Јас на неколку пати сум фаќал вреќи со шут и со отпад на јадица, мислејќи дека е риба. Значи, таму мештаните се научени да не ги користат контејнерите, не знам дали воопшто имаат контејнери, туку целиот комунален отпад се пакува во црна вреќа или во обично најлонче, се излегува пред куќа и се фрла во река. Тоа е пракса, тоа редовно се случува во сите села околу Глобочица и околу Шпиље. И треба да се работи со тие луѓе. Едноставно, ним да им се смени менталитетот, оној цврст отпад, барем видлив, оној што ние го гледаме секој ден да не влегува во тие води“, посочува проф. Васил Костов, Институт за сточарство.

Подеднакво загадени и опасни се и подземните води

Депонии на речно корито, во строго заштитетно подрачје. Ниви се наводнуваат со вода со тешки метали. Индустриската депонија на Југохром не е отстранета. Депониите на Лепенец се веднаш до бунарите кои со вода го снабдуваат цело Скопје. Исцедокот од Вардариште загадува и седум години од затворањето.

„Депонијата Југохром се наоѓа на најнеповолна, најнесреќно избрана локација. На некој да сте му дале задача да избере најлоша локација, можеби немало да ја погоди таа, можеби ќе погрешел. Значи се наоѓа на најниската точка во Полошката котлина. Сите води се слеваат во правец на депонијата. Се наоѓа во втората заштитна зона на изворот Рашче. Што значи во втората заштитна зона? Значи во втората заштитна зона има забрани и не смее да има никакви контаминенти, никакви индустриски постројки кои продуцираат било какво загадување. Се наоѓа во зона на прихранување на изворот Рашче. Што значи тоа? Значи било која вода, површинска, која би паднала на тој простор, тежнее да тече кон изворот Рашче. Тоа значи зона на прихранување. Значи, водите од тој простор тежнеат да се движат кон изворот Рашче. Се наоѓа на 50 метри од изворот на реката Вардар. Се наоѓа само на 100 метри од Жеденскиот масив, кој е карбонатна структура, карстифицирана, порозна и низ која лесно можат да се движат водите. Ако го имаме и фактот на составот на депонијата, таа во себе има 350 илјади тони бихроматно блато, од кои 7 илјади тони е шестовалентен хром. Илустративно, што значи 350 илјади тони? Тоа значи да наполните камиони со 20 тони отпад и да ги наредите во една колона, ќе тргнат од Гевгелија, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, преку мој Демир Хисар ќе стигнат до Битола. Значи таа е количината на тоа бихроматно блато кое претставува опасен отпад“, објаснува геологот, доц. д-р Златко Илиоски.

Брегот на реката Лепенец, пак, е затрупан со купишта градежен шут и смет од домаќинствата. Со камиони, неконтролирано, просторот се полни со ѓубре.

„Нашите реки станаа сметилиште, не реки. И самата вода која понатаму е извор на зараза во делот на наводнување на земјоделските производи претставува опасност за здравјето на граѓаните“, предупредува водостопанската инспекторка Лидија Зафировска.

Уредување на речни корита или профитабилен бизнис?

Покрај водите во реките и езерата се уништуваат и нивните корита и крајбрежја. Уредување на речните корита за заштита од поплави или остварување профит преку лукративен бизнис?

Жителите на Уланци, село во Градско, најсурово ги почувствувале последиците од копањето песок и чакал од водите на Вардар. Велат, наместо уредување на речното корито, на наш грб се прави бизнис што го загрози мостот над реката, а со тоа и околните куќи и имоти. Проблемите настанале откако се ангажирала фирма за отстранување на островот којшто со години се создавал во Вардар и предизвикал свртување на течението кон десниот брег.

„Тука се случува диво исцрпување. Има од милион до три милиони кубици, исцрпени се. Тоа е голем профит – дали за фирмата, за државата“, укажува Цане Будимов, претседател на месна заедница на село Уланци.

Водата се користи неплански и нерационално

Цели населени места во земјава се без вода за пиење, а жителите се снаоѓаат како знаат и умеат. Во исто време, загубите во водоснабдителниот систем или таканаречената неприходувана вода достигнаа 64 проценти – пукнати цевки, диви приклучоци, неисправни водомери, неплатени сметки и полевање на јавното зеленило.

Носењето вода од најблиската чешма е секојдневие за околу илјада семејства во населбата над Тетовското теќе. Иако пристапот до вода за пиење е основно право на секој човек, овие луѓе со години немаат чиста вода во домовите.

„И особено сега во летно време, нема да има ич вода. Не знаеме што да правиме, народот е таков, пати за сè“, вели Ајет Сејфулај, жител на населбата.

„Повеќе од времето нема (вода), доаѓа еден час за 24 часа, и тоа што ние сме подоле, а тие што се погоре немаат, нема притисок да се качи до повисоките места“, објаснува Расим Имери, жител на населбата.

На планината Плачковица, пак, на 1.000 метри надморска височина во домовите имаат вода, но мештаните не ја даваат на јавно водоснабдително претпријатие. Самите си го изградиле системот за водоснабдување уште пред 20 години. Нашиот домаќин Рамиз ни раскажа дека секое домаќинство дало по 100 тогашни германски марки.

„Кога водата ќе ја пуштат по нивите тогаш ќе снемаме, ама важно имаме вода. И тоа добра вода имаме. Зашто да платиме кога имаме ние доволно вода, немаме потреба, селото ја држи водата“, вели Омер Рамиз, жител на с. Прналија.

„Десетина проценти во Македонија граѓаните се поврзани на индивидуални, рурални ги спомнавте системи или одвоени системи коишто не се дел од централниот водоснабдителен систем и одржувањето на таквите системи е предизвик во денешно време. Прво, поради тоа што тоа се мали системи и второ, поради тоа што тие системи најчесто се надвор од официјалните водоснабдителни системи кои ги управуваат јавните комунални претпријатија. Добра работа е што процентот не е голем, тој е 10 проценти отприлика од населението во Македонија. Меѓутоа треба да имаме во предвид дека овие водоснабдителни системи коишто не се одржуваат од официјално претпријатие, комунално јавно претпријатие, не го контролираат квалитетот на водата што ја испорачуваат. Исто така, не можеме да добиеме гаранција дека водата се испорачува во континуитет од 24 часа, седум дена во неделата. Поради тоа, апелот би бил, и законодавецот тоа и го наложил, вакви рурални, оддалечени, индивидуални системи бидат вклучени во системот на управување на комуналното јавно претпријатие“, објаснува Георги Христов од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

Огромни загуби води во водоснабдителните системи

12 велешки езера – толкава количина питка вода или 144 милиони кубни метри годишно се губат поради пукнати цевки, диви приклучоци, неисправни водомери, неплатени сметки и полевање на јавното зеленило. Но, ова се податоци за само 35 водоснабдителни претпријатија. Уште толку биле предмет на ревизија, но немаат мерни инструменти за да се утврди колкави се нивните загуби.

„Јавните претпријатија треба да продолжат во насока на преземање на дополнителни активности и мерки за детектирање и отстранување на дефектите кои што настануваат на водоводната мрежа, како и замена на старите и дотрајани водоводни линии и водомери, како и контрола и отстранување на дивите приклучоци коишто се значителни“, посочува Добринка Васковска, помошничка на Главниот државен ревизор.

„Од некаде 268 милиони произведени кубни метри вода, околу 173 милиони кубни метри вода се губат на најразличен начин. Или, едноствано кажано, доколку пласирате вие 100 кубни метри вода во систем, 36 кубни метри фактурирате, додека 64 кубици ви се губат на најразличен начин“, предупредува консултантот за водни услуги Бојан Ристовски.

Многу инспекциски надзори, малку казни

Нема доволно инспектори, ниту се ефективни во својата работа. Животната средина се загрозува, загадувачите не плаќаат. Ниските плати ги одвраќаат висококвалификуваните кадри од јавните конкурси, а законот дозволува како инспектори да се вработат луѓе со несоодветни стручен профил.

„Бараме од Министерство за финансии определен број на вработувања, но исто така и за унапредувања се потребни бидејќи одредени кадри не се унапредени десетина години, а самиот процес на работата имајќи предвид дека заминуваат секоја година во пензија инспекторите, неопходно е за еден краток, но и среден рок да се обезбеди доволно кадар“, вели Зоран Шапуриќ, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.

„Имаме и опрема која не може да ја употребиме зашто никој не знае да ја употреби таа опрема и затоа ми фалат… Кога рековме кај електроенергетски постројки, имаме една опрема која чини многу пари, не е купена од наша страна, туку е добиена како донација. Меѓутоа, веќе една година настојуваме да најдеме некоја куќа или експерти кои знаат да ни кажат како се употребува“, изјави Екрем Буњаки, директор на Државниот инспекторат за техничка инспекција.

„Дали ми требаат луѓе, да. А дали овие коишто ги имам можат да работат колку што имаат можност? Не, немаат средства. Не може, нема возило. Денеска ќе седи цел ден во канцеларија, зарем ми треба уште еден таков? Секогаш сум мислел тоа да биде функционално. Пет луѓе функционални, а после ќе барам уште пет. А не пет паразити, па уште пет паразити да земаат плата, нефункционално, нема средства“, кажа Ејуп Јаја, директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

„Ако видиме дека инспекторите кои што се вработени се по партиски клуч, аналогно на тоа ќе дојдеме до заклучок дека тие работат за заштита на партискиот интерес, односно за заштита на бизнис интересите, наместо да функционираат и да работат во насока на одбрана на принципот „загадувачот плаќа““, посочи Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН.

Борбата за здрава животна средина е заедничка – на институциите, невладините, но и на граѓаните. Мора да се подигне јавната свест и да се активираат. Граѓаните мора да излезат од зоната на конфорот за конечно да разбистриме сè!

Сподели