Брегалница „стенка“ од еколошката негрижа
Повеќе не смее да се молчи за загадувањето на Брегалница од канализациите од домаќинствата, отпадните води од индустриските загадувачи и ѓубривата и пестицидите од земјоделците. Со инспекторка за животна средина “уловивме” камион кој исфрлаше измет директно во реката, а за загаденоста на водата разговаравме со рибари и екологисти. Брегалница е главниот воден крвоток во источна Македонија, каде што живеат околу 216 илјади луѓе. Голем дел од нив многу директно зависат од реката. Од Министерството за животна средина признаваат дека повеќе пречистителни станици не се во функција.
Се наоѓаме на истокот од земјава, по сливот на Брегалница, втората по должина река во Македонија. Брегалница извира во шумскиот дел на Малешевијата и потоа минува низ градовите, се влева во Вардар и го продолжува патот кон Грција. За тоа колку е важна Брегалница говори следниов податок – 15 општини од Источнопланскиот регион го делат Брегалничкиот басен, кој зафаќа околу 17 проценти од територијата на целата државата. Се проценува дека овде живеат околу 216 илјади луѓе. Дел од нив многу директно зависат од Брегалница, но тоа станува сè поголем проблем. Загаденоста на реката е сè повидлива и затоа повеќе не смее да се молчи. Оттука, ова е нашата тема во „Разбистри сè“.
Погледнете повеќе во ТВ емисијата „Разбистри сè“.