Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Прифатени дел од забелешките на ГИС во Предлог-законот за инспекција во животната средина

Во Предлог-законот за инспекција во животната средина се вклучени дел од забелешките на Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) кои се однесуваат на транспарентноста и отчетноста на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Предлог-законот предвидува ДИЖС да води база на податоци за инспекциските надзори и регистар за субјекти на инспекциски надзор.

Инспекторатот треба да воспостави електронска база на податоци во која задолжително ќе внесува податоци за преземените активности во инспекцискиот надзор на централно и локално ниво. Овие податоци треба да ѝ бидат достапни на јавноста, а ДИЖС треба да ги доставува и разменува со другите органи на државната управа.

Инспекторатот треба да води и регистар на субјекти на инспекциски надзор, кој ќе ги содржи податоците за субјектот, видот на дејноста или активноста која ја врши, актот според кој субјектот ја врши дејноста, како и други потребни податоци. ДИЖС треба да го ажурира регистарот најмалку еднаш годишно, а податоците да ѝ бидат достапни на јавноста.

Исто така, обврската да се обезбеди пристап до информациите од инспекцискиот надзор е предвидена за инспекциските служби како државен орган, наместо, како што беше предвидено, за инспекторите.

Сепак, поголемиот дел од забелешките на ГИС не се прифатени, а се однесуваа на тоа дека предлог-законот не ги дефинира јасно надлежностите на државните и овластените инспектори и начинот на меѓусебна координација, не нуди механизми за контрола против неажурно, неодговорно и коруптивно спроведување на инспекцискиот надзор и не предвидува начини за технолошки развој и доопремување на инспекторатите.

ГИС, кој е формиран во рамките на кампањата „Разбистри сè”, ги поднесе забелешките за нацрт-законот на јавните консултации на Министерството за животна средина во текот на мај, а со поддршка од 33 граѓански организации и иницијативи. Министерството го објави предлог-законот на почетокот на ноември.

Сподели