Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Се унапредува квалитативното информирање на инспекциските служби

Инспекцискиот совет ќе го менува правилникот за подготовка на извештаите на инспекциските служби заради унапредување на квалитативните информации. Измените се засноваат на проценката за транспарентноста и отчетноста на инспекторатите со надлежности во животната средина, која беше спроведена од Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН и Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“.

За таа цел, Инспекцискиот совет организираше две работилници за вработените во инспекциските служби и инспекторатите одговорни за подготовка на полугодишните извештаи. Со вклучување на претставници од инспекциските служби треба да се обезбеди инклузивност и консезуалност во усвојувањето на предложените измени на Правилникот за формата и содржината на извештајот за работа на инспекциската служба за претходните шест месеци и на годишниот извештај за работа на инспекциските служби.

Извештајот претставува основна алатка за транспарентност и отчетност на инспекциските служби кон корисниците на нивните услуги и треба да содржи доволно податоци од јавен карактер за да се оцени квалитетот на испорачаните услуги. Оттука, ЦЕД Флорозон и ИКС подготвија насоки за унапредување на квалитативниот дел на извештаите, а со измените во правилникот треба да се унифицира пристапот во генерирањето и анализата на податоците за работата на инспекциските служби.

Фасилитатори на работилниците беа Методија Димовски, член на Инспекцискиот совет од областа на животната средина и заштита на здравјето на луѓето, и Кирил Ристовски од ЦЕД ФЛОРОЗОН.

Кампањата „Разбистри сè“ се спроведува од Институтот за комуникациски студии и е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Сподели