Кампања од јавен интерес за застапување и лобирање | Онлајн ресурси

Алијанса „Разбистри сè“: Со ДИЖС имавме одлична соработка

Алијансата „Разбистри сè“ реагира на коментарите на претседателката на ДОМ, г-а Маја Морачанин, во кои ги злоупотребува наодите на Алијансата за работата на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). За таа цел, сакаме да ја информираме јавноста за нашата досегашна соработка со ДИЖС и в.д. директорката Ана Петровска.

Во Алијансата „Разбистри сè“ е вклучен и активно учествува Државниот инспекторат за животна средина, кој се приклучи како партнер во уште во декември 2020 година. ДИЖС учествува во неформалното тело „Граѓански инспекциски совет“, кој се основаше со меморандум за соработка во јануари 2021 година, а кој беше формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив. Заедно со ДИЖС ја создадовме апликацијата за пријавување на загадувачи, со што пријавувањето на загадувачите стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање на база на загадувачи со Б интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и локално ниво.

За времетраење на кампањата, Алијансата излезе со повеќе извештаи и наоди за работата на институциите кои вршат надзор и контрола врз искористувањето на водата и минералните суровини, меѓу кои и за ДИЖС. Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска.

Потенцираме дека во изминатиот период соработката со ДИЖС и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно и истата беше на високо ниво. Оттука, повикуваме да не бидат злоупотребувани наодите од нашата работа во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Истовремено, изразуваме жалење за одлуката на Владата да ја разреши директорката Ана Петровска.

 

Алијанса „Разбистри сè“

  • Институт за комуникациски студии
  • Зелен Институт
  • Здружение на граѓани ЕКОВИТА Неготино
  • Не биди ѓубре
  • Гоу Грин
  • Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје
  • Новинари за човекови права
  • Рурална коалиција
  • Еко-живот
  • Фондација Фокус
  • ЦЕД Флорозон
  • Меѓународен центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО
  • Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР
  • Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ
  • Здрава котлина Струмица
  • Центар за управување со знаење
  • Еко Герила
  • Центар за истражување и креирање политики
  • Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ)
  • О2 Иницијатива
  • Центар за правни истражувања и анализи
  • Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ
  • Еко Лоџик
  • РГД Геосфера
  • Здружение за ромско-турско пријателство „Ромско јато Битола“
  • Македонско здружение на млади правници
  • ЗГ Чејнџмејкерс, Гевгелија
  • Грин.орг
  • Никушевски Тони
Сподели